Словенечкиот претседател Борут Пахор, кој заедно со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беше домаќин на денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони на Твитер ги објави донесените заклучоци со кои се бара забрзување на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и барање кандидатски статус за членство во ЕУ за Босна и Херцеговина и безвизен режим за целиот Западен Балкан до крајот на 2022 година.
Учесниците донеле шест заеднички заклучоци. Првиот се однесува на важноста на проширувањето на ЕУ „како најдиректен придонес за одржување на мирот и стабилноста во регионот, што е повеќе од кога било геополитичко прашање“. Потоа вториот е дека учесниците се залагаат за побрз процес на интеграција во ЕУ согласно добро познатите услови за членство. Во третиот заклучок се повикува на доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина до крајот на 2022 година. Потоа се повикува и на воспоставување безвизен режим за целиот Западен Балкан до крајот на годинава. Во петиот заклучок се повикува ЕУ да застане на страна на Западен Балкан во ублажувањето на последиците од економската и енергетската криза. Во последниот заклучок се потврдува “посветеноста на дијалогот како единствен начин за надминување на разликите и отворените прашања во регионот“.
Претседателот Стево Пендаровски, кој учествуваше на состанокот на Фејсбук објави дека целосната и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, е од исклучителна важност за Европа.
На самитот Брдо-Бриони во брдо кај Крањ учествуваа претседателите на Северна Македонија Стево Пендаровски, на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Вјоса Османи, на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Албанија Бајрам Бегај, тројцата членови на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ.