Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека секој проект кој е во вистинска насока за Град Скопје без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот ќе ја има поддршката на партијата.
„Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме, рече Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Според него, важно е Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат. Во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје Ѓоко Велковски и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, Мицкоски порача дека верува во нивното чесно работење.
„Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина. Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети“, рече Мицкоски.
Според соопштението на Град Скопје, Велковски во петокот бил разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која, како што велат од Град Скопје, ги потврдува основаните сомнежи на Градот за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер.
Велковски во соопштението до јавноста потпишано од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ вели не бил разрешен, туку сам си заминал од позицијата генерален секретар на градот, затоа што бил разочаран од капацитетот на градоначалничката.
Мицкоски рече и дека набавката била од 2019 година кога градоначалник бил некој друг и оти е проект финансиран од Светска банка преку Европската инвестициска банка, зад кој стои државата со свој претставник, Министерството за животна средина.