Мицкоски - ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, без разлика на резултатот од референдумот

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, без разлика на резултатот од референдумот. Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на одговори на новинарски прашања. Тој денеска изјави оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.

„Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум, да се поддржи таа иницијатива и да видиме дали граѓаните ќе бидат „за“ или „против“. Јас ги охрабрувам деморкатски во насока на европскиот дух кој од нивните усти додека крадат не престанува да излегува, и сега тоа да го направат и да ги мобилизираат оние малкумина да излезат и се произнесатво согласност со нивните политики. Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности,“ рече Мицкоски по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.

„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија,“ изјави Мицкоски.

Уставни измени се потребни, но со реална анализа и без притисоци

„Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник на Република Македонија број 12/2018 од 18. 01. 2018 година?“, вака гласи референдумското прашање со кое ќе се бара поддршка од граѓаните за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по турбулентното лето со протестите, откако власта го прифати францускиот предлог за Македонија да може да ги почне преговорите со ЕУ, најави дека како следен чекор ќе организира референдум.