Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска соопшти дека се разрешени двајца функционери. Во петокот од функцијата Секретар на град Скопје е разрешен Ѓоко Велковски. Во соопштението од град Скопје е наведено дека причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.
Велковски во соопштението до јавноста потпишано од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ вели не бил разрешен, туку сам си заминал од позицијата генерален секретар на градот, затоа што бил разочаран од капацитетот на градоначалничката.
„Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме известија дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје“, вели во соопштението Велковски.
Секоја власт со нова служба за обезбедување, бизнис тежок десетици милиони евра
Според соопштението на Град Скопје, Велковски во петокот бил разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која, како што велат од Град Скопје, ги потврдува основаните сомнежи на Градот за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер.