Тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин дека само дел од житото извезено од Украина оди во сиромашните земји се невистинити, соопшти британското Министерство за одбрана.
Без да покаже докази, Путин на 7 септември рече дека само два од 87 бродови, со 60.000 тони жито отишле во сиромашните земји, велат од Министерството.
Договорот за дозволување извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море, со посредство на Обединетите нации и Турција, стапи на сила минатиот месец.
Цитирајќи ги бројките на ОН, британското Министерство за одбрана во својот дневен разузнавачки билтен на Твитер објави дека околу 30 отсто од житарките извезени според договорот биле испорачани во земјите со низок и среден приход во Африка, Блискиот Исток и Азија.
Министерството ја обвини Русија дека спроведува намерна стратегија за дезинформации за да ја отфрли вината за проблемите со несигурноста на храната, да ја дискредитира Украина и да го минимизира противењето на нејзината инвазија.
Францускиот министер за транспорт на 11 септември рече дека ќе потпише договор со Романија за зголемување на извозот на украинското жито во земјите во развој, вклучително и во Медитеранот.
„Утре ќе потпишам договор со Романија што ќе и овозможи на Украина да извлече уште повеќе зрна кон Европа и земјите во развој, особено во земјите од Медитеранот на кои им е потребно за храна“, изјави Клемент Бон за телевизијата LCI, додавајќи дека договорот опфаќа извоз по копно, море и река.