Кутев: Бугарија не преговара со Газпром

илустрација

Антон Кутев, портпарол на службената влада на Бугарија, за БТВ изјави дека во оваа фаза не се водат официјални разговори меѓу Газпром и Булгаргаз.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Кутев, одговорот дали има преговори треба да го даде државната гасна компанија „Булгаргаз“ и рече дека не знае дали почнале преговорите меѓу Бугарија и руската гасна компанија, не исклучувајќи ја можноста да има некакви првични етапи. Тој додава дека опциите не се исцрпени.

„Разговорите може да се случат и да доведат до позитивен исход. Очигледно е дека овие разговори не се почнати“, рече Кутев.

Разговорите со Русија не се по секоја цена, изјави портпаролот на службената влада на Бугарија и додаде дека, според него, Русија не го прекинала гасот за Бугарија, туку Софија одбила да ги исполни условите на Москва.

Во однос на она што го кажа претседателот на Бугарија Румен Радев дека цената на бензините на бензинските пумпи на Лукоил паднала под 3 лева (1,5 евра), поранешниот вицепремиер и министер за економија Асен Василев коментираше дека тоа не се случило поради работата на службената влада, туку поради падот на цената на нафтата на светските берзи на нивоа од пред руската инвазија врз Украина.

Василев ги коментираше и испораките на гас од САД за Бугарија, обвинувајќи дека службената влада се откажала од договорените испораки на гас без да има алтернатива.