Земјоделците од кочанскиот и штипскиот регион кои произведуваат ориз, денеска го блокираа магистралниот патен правец Кочани – Штип протестирајќи против ниските откупни цени на арпата и високите трошоци за производство.
На пунктови кај селата Облешево, Чифлик, Чешиново и Крупиште тие излегоа со трактори и земјоделска механизација, најавија дека блокадата ќе трае во наредните денови, додека не остварат средба со надлежните владини претставници за да им ги изнесат своите проблеми.
„Производната цена на килограм арпа е меѓу 35 и 38 денари, а во моментот таа се откупува од 20 до 23 денари. Тоа значи дека немаме средства ниту за основна репродукција, да го почнеме производството, а за покривање на трошоците за живот не станува збор. Најдобар пример за тоа е што со добиениот принос од четири хектари ние можеме да купиме само 25 кубни метри огревно дрво. Во моментот сме на најниско ниво меѓу земјоделците, откако се одгледува ориз кај нас. Светот се соочува со недостиг на храна, а ние имаме над десет илјади тони ориз што може да се извезе, но Владата ја интересира само енергетската криза, иако кризата за храна е поважна и од неа“, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.
Производителите на ориз истакнаа дека минималната отткупна цена не смее да биде под 40 денари за килограм арпа, иако таа ќе биде доволна само да ги подмират основните производствени трошоци.
На протест излегоа и земјоделците од Крупиште, Карбинци, Долни Балван и околните села во штипскиот регион, а за остварување повисоки приноси побараа и поквалитетен семенски материјал.
Поддршка на земјоделците кои протестираа дадоа и партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ја повикаа власта да преземе соодветни мерки за решавање на проблемите во земјоделството, да најде соодветен пласман на храната, наместо таа да се фрла на буниште или да скапува на нивите.