Парламентарни избори во Шведска

илустрација

Денеска во Шведска се одржуваат парламентарни избори, а анкетите покажуваат дека Шведските демократи, кои освоија 13 отсто во 2018 година, овој пат ќе добијат околу 20 отсто од гласовите и ќе станат втората по големина партија во парламентот зад централно-левичарските социјалдемократи на премиерката Магдалена Андерсон.

Популистичката антиимиграциска партија Шведски демократи, која за прв пат влезе во шведскиот парламент во 2010 година и оттогаш добива се поголема поддршка, вети дека ќе го потисне насилството на бандите во таа земја, пишува АП.

Популарноста на партијата порасна по поголемиот прилив на мигранти во последниве години, особено во 2015 година, и со зголемениот криминал во гетоизираните населби.

Според АП, популистичката партија е основана пред неколку децении од екстремни десничарски екстремисти, но во последниве години таа работи на промена на нејзиниот имиџ.

Долги години гласачите ја сметаа за неприфатлива, а другите партии ја избегнуваа, но тој тренд почна да се менува.

Премиерката Андерсон (55), кој пред една година стана првата жена шеф на влада во Шведска, се уште има голема поддршка од народот во таа земја. За време на нејзиниот мандат, Шведска поднесе барање за членство во НАТО поради руската инвазија на Украина.