Иран остро ги осуди американските санкции воведени оваа недела врз иранското Министерство за разузнавање и безбедност и неговиот министер, откако Техеран беше обвинет дека стои зад неодамнешниот сајбер напад врз Албанија.
„Непосредната поддршка на Америка за лажното обвинение на албанската влада покажува дека дизајнерот на ова сценарио е американската влада“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, во изјавата на 10 септември.
На 7 септември, Албанија им нареди на иранските функционери да ја напуштат земјата и ги прекина дипломатските врски со Техеран по истрагата за сајбер напад, чија цел беше дигиталната инфраструктура на членката на НАТО во јули.
Тирана опиша „непобитни“ докази дека Техеран стои зад сајбер нападот.
Соединетите Американски Држави потоа објавија нови санкции против иранскиот министер за разузнавање и безбедност, Есмаил Хатиб и целото министерство.
„Иранскиот сајбер напад врз Албанија ги занемарува нормите за одговорно однесување во мирно време во сајбер просторот, што ја вклучува нормата на воздржување од оштетување на критичната инфраструктура која обезбедува услуги за јавноста“, рече американскиот потсекретар за финансии Брајан Нелсон на 9 септември.
Осудувајќи ги новите санкции, Канани го обвини Вашингтон дека „дава целосна поддршка на терористичката секта“, мислејќи на забранетата опозициска организација Муџахедин-е Калк (МКО).