Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека украинските сили покажуваат знаци на успеси на бојното поле во две контраофанзиви, додавајќи дека Соединетите Држави ќе го поддржуваат Киев во неговата борба против инвазијата на руските трупи „се додека тоа е потребно“.
Остин ги даде коментарите за време на неговата посета во Прага, во услови на зголемени докази дека украинските трупи напредувале во јужниот регион Херсон и во областите источно и југоисточно од Харков, вториот по големина град во Украина.
- Украина тврди дека постигнала „одреден успех“ во контраофанзивата во Херсон
- Што значи новата стратегија на Украина за следната фаза од војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали војската за нејзиниот напредок на истокот, велејќи дека украинските војници вратиле повеќе од 30 населби во регионот Харков од почетокот на контраофанзивата таму оваа недела. Додека Херсон беше во фокусот на големите борби неколку недели, контраофанзивата во Харков оваа недела се одвиваше со голема брзина.
Генералштабот на Украина тврди дека војниците напредувале 50 километри источно и југоисточно од Харков за три дена. Остин ги пофали борбените способности на украинските војници, велејќи дека „сите сме импресионирани од она што го видовме“. Тој рече дека покажале подготвеност да се спротивстават на многу поголема, посилна сила.