Поради хакерски напад „падна“ веб страницата на МОН, оттаму уверуваат дека нема потреба за грижи

Министерство за образование и наука

Интернет страницата на Министерството за образование и наука не се отвора, откако наводно врз страницата бил извршен хакерски напад. Неколку часа на веб страницата на ова министерство стои пораката „Хакирано од грчкиот хакерски тим Netwatchers“. Поради нападот не се отвора ниту една потстраница на овој сајт, додека сите објавени линкови водеа кон Јутјуб видео со наслов „Позната Македонија “ (Famous Macedonia).

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.

Инаку ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не функционираше веб страницата на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во февруари годинава, веб страните на министерствата за образование, за надворешни работи, на Влада, како и на Народната банка беа „жртви“ на хакерски напади, од луѓе кои на социјалната мрежа Твитер се преставуваа дека се дел од грчка хакерска група „Моќна грчка армија“.

Хакирана веб страницата на Министерство за образование и наука

МОН тогаш тврдеше дека станува збор за лажни вести, односно дека нивната веб страна не била жртва на хакерски напади, дека си функционира без прекин и дека снимките што тогаш преку Твитер беа објавени за наводен упад на хакери од Грција, не се од просториите на објектот на Mинистерството.