Состанокот на Советот за национална безбедност на Србија, на кој се разговара за ситуацијата на Косово, ќе се одржи денеска во Белград, соопшти Претседателството на Србија.
Како што е најавено, останатите теми на седницата со почеток во осум часот се одржувањето на Европрајд во Белград и сајбер безбедноста во енергетскиот сектор.
Советот, со кој претседава шефот на државата Александар Вучиќ, заседава по вчерашната посета на Приштина и Белград на тричлениот дипломатски тим, претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак, советникот на канцеларката на Германија Јенс Плетнер и пратеникот на претседателот на Франција Емануел Бон.
Специјалниот известувач на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, синоќа соопшти дека се бараат „опции за напредок во дијалогот“ и дека процесот ќе продолжи и во наредните денови.
„Денеска заедно со високите советници за надворешна политика на францускиот претседател и германскиот канцелар имав важни детални разговори со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со цел да се истражат опциите за напредок во дијалогот. Процесот ќе продолжи и во наредните денови“, напиша Лајчак на Твитер.
- Макрон и Шолц со писмо до Вучиќ за забрзување на процесот за нормализација на односите со Косово
- Можни нови тензии на Косово и околу смената на регистарски таблички издадени од Србија?
Вучиќ на почетокот на овие разговори со преговарачите на ЕУ во Белград, изјави дека нема да има признавање на Косово.
„Разговор за иднината на Србија, а никакво признавање на Косово нема да има! Во моментов разговарам со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со советниците за надворешна и безбедносна политика на Република Франција и Сојузна Република Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер, секогаш подготвен за компромисни решенија, во согласност со Уставот на Република Србија и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Нема предаја! Да живее Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.
Пред да пристигнат во Белград, тројцата дипломати престојуваа во Приштина, каде што се сретнаа со косовскиот премиерот, Албин Курти.
Вучиќ и Курти се сретнаа во Брисел на 18 август, кога беше постигнат договор за документите за влез и излез на административните премеини, но не и за регистарските таблички.