Претседатели, кралеви и Гугл
РУСИЈА - Судот во Москва ја отфрли жалбата на Гугл против налогот за плаќање парична казна од повеќе од 21,7 милијарди рубљи (352 милиони долари) поради дистрибуирање информации за тековната неиспровоцирана инвазија на Русија врз Украина на Јутјуб, нејзината платформа за споделување видеa.
СРБИЈА - Српскиот државјанин Владо Станиќ (31) е осуден на една година затвор за учество во војната на територијата на Украина во 2015 година. На 15 јули 2022 година, Станиќ беше уапсен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, по што на сослушување пред дежурниот заменик јавен обвинител призна дека го извршил делото. Станиќ доброволно се приклучил на проруските сили во источна Украина, во т.н. Хусарски полк.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Во својот прв говор по смртта на неговата мајка, британскиот крал Чарлс Трети рече дека чувствува „длабока тага“ поради загубата на неговата мајка и вети дека ќе продолжи со нејзината посветеност на службата на народот.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Италија, Серџо Матарела кој е во официјална посета на земјава, а на средбата била нагласена и улогата на државата во регионот, како земја којашто ги решава предизвиците низ храбро лидерство, при што била најавена голема поддршка од Италија и во натамошниот евроинтегративен процес.
МАКЕДОНИЈА - Сојузoт на синдикат на Македонија (ССМ) пресмета дека во август, минималните трошоци за живот на четиричлено семејство кое живее во дом од 50 метри квадратни и нема автомобил, изнесувале 48.234 денари.
САД / АЛБАНИЈА - Соединетите Држави денеска воведоа санкции за иранското Министерство за разузнавање и безбедност и неговиот министер Есмаил Хатиб, обвинувајќи ги дека се поврзани со сајбер нападот во јули врз НАТО сојузникот Албанија.
МАКЕДОНИЈА - Во рамки на своите уставни надлежности, македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска ги потпиша указите за поставување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во пет држави - Словачка, Канада, Норвешка, Белгија и Бугарија.
САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека најновиот одговор на Техеран во преговорите за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година ги турна разговорите чекор наназад.
УКРАИНА - Шефот на мисијата на ОН за човекови права во Украина ја обвини Русија дека не дозволува пристап до воените затвореници и дека има докази за лошо постапување и тортура врз украинските затвореници.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го поддржат процесот на организирање на референдумот инициран од оваа партија и да не го опструираат во Парламентот преку спикерот Талат Џафери, туку да дозволат најпрвин да се соберат 150.000 потписи, а потоа и да се оди на Референдум на кој граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја.