Британскиот крал Чарлс вети дека ќе му служи на народот со лојалност, почит и љубов

Британскиот крал Чарлс Трети

Во својот прв говор по смртта на неговата мајка, британскиот крал Чарлс Трети рече дека чувствува „длабока тага“ поради загубата на неговата мајка и вети дека ќе продолжи со нејзината посветеност на службата на народот.

Чарлс, кој стана крал по смртта на неговата мајка кралицата Елизабета Втора на 8 септември, вети доживотна служба на народот на Обединетото Кралство и на оние што живеат во другите области.

„Како што тоа го направи самата кралица со таква непоколеблива посветеност, и јас сега свечено се обврзувам, во текот на преостанатото време што ми го дава Бог, да ги одржам уставните начела во срцето на нашата нација“, рече кралот во снимениот говор пред комеморација во катедралата Свети Павле во Лондон.

„И каде и да живеете во Обединетото Кралство, или во областите и териториите ширум светот, и без оглед на вашето потекло или верувања, ќе се трудам да ви служам со лојалност, почит и љубов, како што тоа го правев во текот на мојот живот“, рече Чарлс во своето обраќање.

Неговите зборови се повторување на зборовите на неговата мајка во радио обраќањето емитувано во 1947 година на нејзиниот 21-ви роденден кога таа му порача на Комонвелтот дека ќе го посвети својот живот на службата на својот народ сè додека е жива.

Чарлс рече дека тоа ветување е „повеќе од ветување“, нарекувајќи го „длабока лична посветеност што го дефинираше целиот нејзин живот“.

Кралицата Елизабета, најдолготрајниот британски монарх и симбол на постојаноста на земјата со децении, почина на 96-годишна возраст во замокот Балморал, нејзината летна резиденција во Шкотска.