ССМ пресмета: Минималните трошоци за семејство во август биле над 48.000 денари

Илустративна фотографија

Сојузoт на синдикат на Македонија (ССМ) пресмета дека во август, минималните трошоци за живот на четиричлено семејство кое живее во дом од 50 метри квадратни и нема автомобил, изнесувале 48.234 денари.

Од ССМ појаснуваат дека во оваа пресметка е изоставен трошокот за еден ученик за подготовки за почетокот на учебната година, што според пресметките на ССМ чини дополнителни околу 6.000 денари, но вклучена е инфлацијата од скоро 17%.

Само за храна и пијалоци, биле потребни најмалку 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата, за домување 12.493 денари, за хигиената 2.808 денари. За превозот во пресметката се вклучени минималните трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски за што се потребни 3.600 денари.

Во минималната кошница се издвоени 2.197 денари за облеката и обувките, како и 1067 денари за култура, каде е ставен трошок за еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник. За одржувањето на здравјето потребни биле 768 денари, односно се вклучени само основни трошоци за лекарства( парацетамол, аналгин, кафетин и сл.).

„Не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока. Ако овие податоци не се доволни за некој од креаторите на политиките веднаш да преземе мерки за помош и поддршка на работниците во овие моменти, гладни и сиромашни работници = социјалната револуција“, посочуваат од ССМ.