САД воведоа санкции врз Иран поради сајбер напад кон Албанија

Припадниците на специјална полициска единица влегуваат во амбасадата на Иран во Тирана, во време кога Албанија ги прекинува врските со Иран и им наредува на дипломатите да заминат поради сајбер напад, 8 септември 2022 година

Соединетите Држави денеска воведоа санкции за иранското Министерство за разузнавање и безбедност и неговиот министер Есмаил Хатиб, обвинувајќи ги дека се поврзани со сајбер нападот во јули врз НАТО сојузникот Албанија.

Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека иранското министерство насочувало неколку мрежи на сајбер закани, вклучително и оние кои се вклучени во сајбер шпионажа.


„Сајбер нападот на Иран против Албанија ги занемарува нормите за одговорно однесување на мирно време во сајбер просторот, што вклучува правило за воздржување од оштетување на критичната инфраструктура која обезбедува услуги за јавноста“, рече потсекретарот за финансии Брајан Нелсон.

Албанија на 7 септември им нареди на иранските функционери да ја напуштат земјата и ги прекина дипломатските односи со Техеран по истрагата за сајбер нападот.


Тирана ги опиша како „непобитни“ доказите дека Техеран го поддржал „актот на сериозен сајбер напад врз дигиталната инфраструктура на Владата на Република Албанија“.

Иранското Министерство за надворешни работи негираше дека Техеран стои зад каков било сајбер напад врз веб-страниците на албанската влада, а одлуката за прекин на дипломатските односи ја нарече „непромислена и избрзана“ како и „заснована на неосновани инсинуации“.