Српски доброволец доби една година затвор од судот во Белград за учество во борби во Украина

Владо Станиќ

Српскиот државјанин Владо Станиќ (31) е осуден на една година затвор за учество во војната на територијата на Украина во 2015 година.

На 15 јули 2022 година, Станиќ беше уапсен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, по што на сослушување пред дежурниот заменик јавен обвинител призна дека го извршил делото.

Како што објасни судијата денеска, при јавното објавување на пресудата, Станиќ ја добил минималната затворска казна пропишана за извршување на кривичното дело учество во војна или вооружен конфликт во странска држава, доколку делото е сторено како дел од група.

Адвокатката Катарина Нинковиќ, која го застапува Станиќ, по објавувањето на пресудата за РСЕ изјави дека ќе поднесе жалба.

„Сметаме дека овде нема вистинско кривично дело, бидејќи во моментот на извршување на делото мојот клиент не ни знаел дека тоа е пропишано како кривично дело. Односно ова кривично дело учество во војна или вооружен конфликт е пропишано во нашата легислатива во 2014 година. Тој делото го стори во 2015 година, шест месеци само што го воведовме“, рече Нинковиќ.

Според обвинението, во март 2015 година, Станиќ доброволно се приклучил на проруските сили во источна Украина како дел од паравоената формација „Хусарскиот полк“.

Според извештаите, во местото Снежно кај Донбас, под контрола на проруските сили, тој бил стражар и ги проверувал патниците и возилата кои влегувале и излегувале од Снежно, го проверувал личниот багаж и багажот во возилата.

Според проценките на Амбасадата на Украина во Србија од декември 2018 година, повеќе од 300 граѓани ја напуштиле Србија за да се борат на проруската страна во конфликтот кој досега однесе околу 14.000 животи.

За учество во војната во Украина на страната на проруските партии во периодот од 2015 до 2018 година, во Србија се изречени 32 пресуди. Казните беа генерално благи, а сите пресуди засновани на спогодби за признавање вина.