Судот во Москва ја отфрли жалбата на Гугл против налогот за плаќање парична казна од повеќе од 21,7 милијарди рубљи (352 милиони долари) поради дистрибуирање информации за тековната неиспровоцирана инвазија на Русија врз Украина на Јутјуб, нејзината платформа за споделување видеa.
Окружниот суд Таганка во руската престолнина донесе одлука против жалбата на 9 септември, изјави портпаролката на судот Зулфија Гуринчук за новинската агенција Интерфакс.
Претходно во јули, судот му наложи на Гугл да ја плати казната за, како што го нарече, неуспехот на компанијата да избрише, како што е наложено, она што властите утврдиле дека е забранета содржина.
Тоа беше втора пресуда за Гугл и казната беше одредена на една десетина од целиот профит што американскиот интернет гигант и групите поврзани со него го заработуваат во Русија за една година, соопшти тогаш судот.
Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор поднесе тужба против Гугл во јуни, обвинувајќи го за континуирано неисполнување на барањата на руските власти.
Поплаките на Роскомнадзор за Јутјуб датираат од март кога побара од Гугл да го запре ширењето на видеа на Јутјуб за кои наведе дека ги „загрозуваат руските граѓани“.
Во април, Роскомнадзор ја изрече првата значително помала казна од 11 милиони рубљи (188.500 долари), велејќи дека Јутјуб „се претвори во една од клучните платформи за ширење лажни вести“ за војната.
Неколку дена откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, Роскомнадзор им нареди на медиумите ширум земјата да објавуваат информации за војната во Украина само доколку тие се обезбедени од официјални извори.
Исто така, беше забрането рускиот напад врз Украина да се нарекува инвазија или војна, а наместо тоа се инсистира да биде именуван како „специјална воена операција“.