Блинкен вели дека Техеран ги турка наназад преговорите за нуклеарниот договор

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека најновиот одговор на Техеран во преговорите за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година ги турна разговорите чекор наназад.

Зборувајќи денеска со новинарите во седиштето на НАТО во Брисел, Блинкен рече дека Вашингтон се уште се надева на договор за да се држи под контрола иранската нуклеарна програма, но дека не бара договор по секоја цена.

По 16 месеци индиректни разговори меѓу Техеран и Вашингтон, ЕУ минатиот месец даде конечна понуда за надминување на ќорсокакот за заживување на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) од 2015 година.

Иран одговори на предлогот, на кој потоа одговорија САД, па повторно Техеран, зајакнувајќи ги надежите дека договорот може да биде блиску.

„Во изминатите недели, затворивме некои празнини. Иран се оддалечи од некои необични барања - барања кои не се поврзани со самиот JCPOA“, рече Блинкен.


„Сепак, последниот одговор нè враќа наназад. И ние нема да се согласиме со договор што не ги исполнува нашите основни барања...Ако склучиме договор, тоа е само затоа што ќе ја унапреди нашата национална безбедност“, додаде тој.

Договорот почна да пропаѓа кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече Соединетите држави во 2018 година и повторно воведе осакатувачки санкции кон Иран.

Оттогаш, Техеран постепено се повлекува од своите обврски кон договорот, кој беше дизајниран да го спречи Иран да изгради нуклеарна бомба. Техеран инсистира дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.

Во најновиот одговор на предлогот на ЕУ, Иран рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) треба да се откаже од своите „политички мотивирани истраги“ за нуклеарната програма на Техеран.

МААЕ го истражува потеклото на нуклеарниот материјал пронајден на три непријавени ирански локации.