Сочувство од македонскиот претседател до новиот британски крал

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски упати писмо со сочувство до новиот британски крал, Чарлс Трети, за смртта на неговата мајка, во кое се наведува дека кралицата Елизабета Втора во седумте децении владеење беше и остана симбол на лидер кој води преку емпатија, со визија, секогаш подготвена за приспособување на монархијата кон глобалните текови.

„За време на владеењето на Кралицата, имавме одличен развој на македонско-британските односи, кои се развиваа преку политичките, економските, културните и образовните врски, а поддршката која доаѓаше од Кралицата, преку Владата и членовите на кралското семејство кои работеа во нејзино име, беа огромна помош за позитивно движење на процесите. Доживотната определба на Нејзиното Величество да му служи на својот народ во Обединетото Кралство и Комонвелтот е пример за јавна служба која ќе остане инспирација за идните генерации“, се наведува во писмото со сочувство.


Сочувство до Обединетото Кралство претходно беше испратено и од македонскта влада, во кое се наведува дека Кралицата Елизабета беше составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминативе 70 години.

Британската кралица Елизабета Втора почина вчера, на 96 годишна возраст, откако беше под медицински надзор во Балморал поради нарушено здравје. Таа остана на престолот 70 години, што е најдолго во британската историја. Нејзиниот најстар син Чарлс кој има 73 година веднаш ја наследи како крал.