Еврокомесарот Хан ги повика земјите на ЕУ да одделат повеќе пари за Украина

Еврокомесарот Јоханес Хан

Комесарот за буџет Јоханес Хан побара од земјите-членки на ЕУ да ја засилат својата финансиска поддршка за Киев следната година, бидејќи војната на Русија во Украина е „многу веројатно“ дека ќе продолжи.

Говорејќи за РСЕ во Прага пред неформалниот состанок на министрите за финансии на ЕУ, Хан потврди дека траншата од заемот од 5 милијарди евра за Украина ќе биде формално договорена во наредните денови и дека се надева на дополнителни 3 милијарди евра, веројатно во грантови, што ќе му бидат доделени на Киев пред крајот на годината.

„Мора да има повеќе во планот, бидејќи финансиските потреби на Украина до крајот [на годината] се уште 3 милијарди [евра]“, рече Хан.

Хан додаде дека дополнителните средства веќе се предложени до Европската комисија и изрази уверување дека ќе бидат одобрени од земјите-членки на ЕУ.

Првата транша од 1 милијарда евра веќе беше исплатена летово, што значи дека вкупно 9 милијарди евра финансиска помош од Брисел би можеле да стигнат во Киев пред крајот на оваа година.

Поголемо е прашањето за обезбедувањето долгорочна финансиска помош за Украина, бидејќи таа продолжува да води разорна војна со Русија, откако соседната земја започна целосна инвазија во февруари. Огромното мнозинство од буџетот на ЕУ е веќе издвоено за други обврски, а Хан навести дека во иднина средствата мора да доаѓаат од касата на одделни земји-членки.

„Вистинското прашање е навистина како да се финансира Украина во случај, и многу веројатно ќе биде така, војната да трае во следната година. Мораме да ја поддржиме Украина бидејќи Украина не се брани само себеси, туку и нас, нашите вредности“, изјави Хан.

Хан рече дека потребните финансиски средства за Украина не можат да се обезбедат од тековниот буџет на ЕУ и ќе бараат „извонреден напор“.

Комесарот за буџет, исто така, призна дека вртоглавото зголемување на цените на енергијата и инфлацијата во ЕУ може да имаат влијание врз тоа колку ќе биде подготвен блокот кога станува збор за обезбедување дополнителна финансиска поддршка за Киев.


„Се разбира, луѓето се многу фокусирани на тоа како да ги платат сметките за електрична енергија. Но, сепак, мораме да размислуваме за Украина“, истакна еврокомесарот.

Тој додаде дека токму за тоа треба да се разговара со министрите за финансии, бидејќи, како што рече, имало заложби и од лидерите на Г7 за да ја поддржат Украина.

„Значи, мора да ги исполниме нашите обврски. И, повторно, тоа е во наш сопствен интерес. Тоа е во наш сопствен интерес бидејќи се работи за мир во Европа, стабилност во Европа, што е многу предвидливо“, рече Хан.