Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го поддржат процесот на организирање на референдумот инициран од оваа партија и да не го опструираат во Парламентот преку спикерот Талат Џафери, туку да дозволат најпрвин да се соберат 150.000 потписи, а потоа и да се оди на Референдум на кој граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја.
„Претходно правевме многу анкети, многу мерења на јавното мислење и од тие анкети можеме да заклучиме дека огромен процент на граѓаните и тоа повеќе од 60 проценти од Македонците и повеќе од 50 отсто од граѓаните се изјаснија дека поддржуваат Референдум и дека би излегле на таков Референдум да гласаат“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека анкетите и јавното мислење на граѓаните се доволен правец за ВМРО-ДПМНЕ и затоа одлучиле да одат чекор понатаму, преку осмислување прашање каде што не ќе може ако ги следи законите и собраниските процедури Џафери да го избегне со образложение дека Собранието не е надлежно.
„Тоа е врв на демократското право и врв на демократијата. Не би гледал зошто би бил некој од меѓународната заедница против едно такво изјаснување“, нагласи Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поднесе до Собранието иницијативата за реферндумско изјаснување околу договорот со Бугарија со собрани околу 650 потписи.
Според одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, референдумското прашање треба да гласи: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во „Службен весник“ на РМ, број 12/2018 од 18.1.2018 година“.