Поранешниот премиер Зоран Заев е убеден дека народот нема да го поддржи референдумот за понишутвање на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, покренат од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Заев кој е потписник на Договорот, одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Конференцијата „Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво“ рече дека е горд не само на Договорот со Бугарија, туку и на Преспанскиот договор, бидејќќи со нив државата ги обновила односите со соседните земји.
„Тоа е препознаено од сите граѓани, над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а другите 25 отсто ги има бидејќи тоа се членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во светот нема да најдете никаде некој кој би бил против пријателство, добрососедство, соработка. Нашиот македонски народ и сите етнички заедници во Северна Македонија нема да го поддржат тоа“, рече Заев.
Мицкоски поднесе иницијатива за референдум за престанок на важење на Договорот со Бугарија
На изјавата на поранешниот премиер реагираа од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
„Бидејќи газдата на Ковачевски и на Пендаровски и творецот на сите предавства Заев е убеден во поддршка од 75%, ајде најскоро на терен да ја измериме вредноста и во ист ден да се распишат референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски веќе поднесе иницијатива до Државната изборна комисија (ДИК) за одржување референдум за престанок на важењето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија од 2018 година.