Советот на Европската унија донесе одлука со која целосно се суспендира договорот за визно олеснување меѓу ЕУ и Русија, поради руската инвазија врз Украина.
„Следствено, општите правила на визниот код ќе важат за руските граѓани“, се наведува во соопштението на Советот на Европската унија, пренесува новинската агенција Фена.
Ова ќе резултира со зголемување на таксата за аплицирање за виза од 35 на 80 евра, потреба од доставување дополнителни докази, продолжено време за обработка на визите и порестриктивни правила за издавање визи за повеќекратни влезови.
„Договорот за олеснување на визниот режим обезбедува привилегиран пристап до ЕУ за граѓаните од доверливи партнери со кои споделуваме заеднички вредности. Со својата неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна, вклучително и неселективни напади врз цивили, Русија ја изневери оваа доверба и ги погази основните вредности на нашата меѓународна заедница“, се вели во соопштението.
Министрите на ЕУ се согласија да ги суспендираат визните олеснувања за Русите
Се очекува одлуката да биде објавена во „Службен весник“ денеска, а да се применува од 12 септември.
Договорот за визи од 2007 година со кој се олеснија барањата за влез на Руситево ЕУ беше делумно суспендиран на крајот на февруари, а ограничувањата беа насочени кон лица блиски до рускиот претседател Владимир Путин, како што се припадници на руски официјални делегации и иматели на дипломатски пасоши.
Сепак, тоа ги остави другите руски државјани сè уште да ги уживаат бенефициите за визите за ЕУ, како што се скратено време за чекање и трошоци како и поднесување помалку документи при аплицирањето.