Рускиот патријарх Кирил изрази сочувство за смртта на Кралицата Елизабета

Патријархот Кирил

Предводникот на Руската православна црква, Патријархот Кирил изрази сочувство за смртта на кралицата Елизабета Втора.

Во писмото до кралот Чарлс Трети рускиот патријарх напиша дека владеењето на неговата мајка е симбол на стабилност, континуитет и историски традиции „не само за нејзината татковина, туку и за европскиот континент како целина“.

„Политичките лидери и шефовите на светските сили се однесуваа кон неа со огромна почит. Со голема топлина се сеќавам на нејзината посета на Русија во 1994 година, која ми остави најмили впечатоци“, се вели во писмото на Кирил, ден по смртта на Кралицата Елизабета.

Чарлс Трети, новиот крал на Обединетото кралство

„Таа беше отворена, препознатлива личност која умееше да го цени соговрникот, пример за длабока интелектуалност и највисока култура“, додаде тој.

Додека кралицата беше технички шеф на државата во Обединетото Кралство, нејзините овластувања беа главно симболични и церемонијални, а таа беше политички неутрална, но сепак беше присутна на светската сцена седум децении.