НАТО ги потврдува изјавите на Албанија и другите сојузници во кои одговорноста за сајбер нападот ја препишуваат на владата на Иран, се вели во посебна денешна изјава на Северноатлантскиот совет.
Во соопштението се изразува солидарност со Албанија по неодамнешниот сајбер напад врз нејзината национална информациска инфраструктура и остро се осудуваат „злонамерните сајбер активности дизајнирани да ја дестабилизираат и да ѝ наштетат на безбедноста на сојузниците и да го нарушат секојдневниот живот на граѓаните“.
„Малигните актери се обидуваат да ја деградираат нашата инфраструктура, да ги нарушат нашите владини служби, да извлечат разузнавачки информации, да украдат интелектуална сопственост и да ги нарушат нашите воени активности. Сојузниците се посветени на заштита на нивната инфраструктура, градење на отпорност и зајакнување на нивната сајбер одбрана“, се вели во извештајот.
Советот вели дека ќе продолжи да биде внимателен во однос на ваквите „злонамерни сајбер активности“. Тие исто така наведуваат како членките меѓусебно се поддржуваат во одвраќање, одбрана и спротивставување на целиот спектар на сајбер закани, вклучително и разгледување на можни колективни одговори“.
Северноатлантскиот совет е главното политичко тело за одлучување во рамките на НАТО. Реакцијата доаѓа еден ден откако Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, бидејќи властите во Тирана веруваат дека земјата изврши масовен сајбер напад врз Албанија ова лето.
Во средата, на 7 септември, албанскиот премиер Еди Рама го обвини Иран дека на 15 јули 2022 година извршил сајбер напад врз албанските институции, во обид да ги „парализира јавните услуги и да ги хакира податоците и електронските комуникации од владините системи“.
Истовремено, албанската полиција за борба против тероризмот денеска ја пребара празната иранска амбасада во Тирана, неколку часа откако ирански дипломати запалија документи во просториите по прекинувањето на дипломатските односи поради сајбер напад.
Полицијата, облечена во маски и шлемови и вооружена со автоматски пушки, влезе во зградата која се наоѓа на само 200 метри од канцеларијата на Рама, откако заминаа два автомобили со дипломатски таблички.
Техеран силно ја осуди одлуката на Тирана да ги прекине дипломатските врски, нарекувајќи ги причините на Албанија за овој потег „неосновани тврдења“.