Прошетката во рамки на Европрајдот закажана за 17 септември во Белград ќе се одржи и покрај ставот на државата дека настанот ќе биде откажан, најавија организаторите.
На конференцијата пред зградата на Градското собрание во Белград, тие потврдија и дека сите останати настани во рамките на седумдневниот настан ќе се одржат според најавениот распоред.
Координаторот на Европрајд Белград 2022, Горан Милетиќ, рече дека нема опција организаторите да ја откажат или одложат прошетката.
Секако дека ќе излеземе, но не сме за конфронтација“, изјави Милетиќ.
Тој посочи дека организаторите на Еуропрајд се за договор со надлежните во однос на одржувањето на настанот.
„Ако проблемот е должината на пешачењето, неговата рута може да биде малку пократка. Доколку има компромис, можно е и промена на рутата за пешачење. Мислам дека не би било прифатливо тоа да биде надвор од центарот на градот“, вели Милетиќ.
Тој додаде дека никој од списокот од 15 пратеници на Европскиот парламент не откажал да дојде на Прајдот во Белград, но и дека не било најавено присуство на претставници на властите во Србија.
Од 12 до 18 септември, главниот град на Србија ќе биде домаќин на најзначајниот европски настан за ЛГБТИ+ заедницата.
Европрајд е меѓународен настан кој вклучува Парада на гордоста, чиј домаќин е различен европски град секоја година.
Властите во Србија претходно најавија дека прошетката закажана за септември во Белград ќе биде откажана или одложена, наведувајќи дека нема безбедносни услови за нејзино одржување.
Десничарските партии, групи и поединци од Српската православна црква побараа од властите укинување на Европрајд.
Нивните претставници одржаа и два митинга во Белград, кои ги нарекоа литии, каде доминираа црковните симболи, но и пораките за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин.