Земјотрес во Јонското Море, затворени плажи на Закинтос

Архивска фотографија - Поглед на плажата Навагио на островот Закинтос во Грција.

Земјотрес со јачина од 5,4 степени денеска беше регистриран во Јонското море, според Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Земјотресот беше регистриран западно од островите Кефалонија и Закинтос и според првичните информации нема повредени или материјална штета, но предизвикан е одрон на земјиште и пад на карпи на популарната плажа „Навагио“ на Закинтос и донесена е одлука плажата да се затвори за туристи, како што јавуваат грчките медиуми.

Според информациите, големи делови од карпи паднале во морето, но не ги оштетиле чамците и бродовите што во тој момент поминувале или биле во близина.

Крајбрежната служба од Закинтос го забрани пристигнувањето по морски пат на посетителите на плажата, како и пристапот на туристите во делот над плажата поради страв од нови одрони.

Земјотресот беше регистриран кусо по 10.30 часот утрово.

Министерството за туризам на Грција одржа состанок за ажурирање на безбедносните мерки на плажата „Навагио“ и повторно донесе препорака за „строга контрола на пристапот на посетителите само до дозволените зони дефинирани во соодветната научна студија со паралелно почитување на максималниот број посетители, со цел капачите да бидат на безбедно растојание од карпите“.

Оттаму додаваат дека се во очекување на одлуките на надлежните органи и цивилната заштита за ажурирање на мерките за безбедност на посетителите.