„Единството е клучно за успех“ - Обединувачки пораки на Денот на независноста

Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември. 08.09.2022.

На тешкиот пат по прогласувањето на независноста, Македонија постигна успеси, но приредивме и разочарувања за македонските граѓани, рече претседателот Стево Пендаровски на церемонијата по повод одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември.

Eнергијата во земјава честопати беше трошена во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план најголем предизвик и натаму се длабоките поделби во македонското општество.

„Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро“, рече Пендаровски.

Претседателот и делегација од неговиот Кабинетот денеска положи цвеќе и им оддаде почит на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Таму беше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, која исто така им оддаде почит на поранешните претседатели.

Ковачевски посочи на важноста на заедништвото во општеството, но и дека државата навреме направила три значајни чекори: члнеството во НАТО, започнувањето на преговорите со ЕУ и основањето на иницијативата „Отворен Балкан“ заедно со Србија и Албанија.

„Обединувањето на граѓаните е гаранција за домашниот мир. Добрососедските односи се гаранција за регионалниот мир, а нашето обеадинување меѓу 27-те членки на ЕУ е реална и неопходна перспектива за унапредување на квалитето на животот на граѓаните“, вели Ковачевски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери на одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на покана на претседателот присуствуваше на свечаната церемонија на доделување на Орден „8 Септември“.

Пендаровски на церемонијата ги одликуваше со Орден „8 Септември“ параолимпијците Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски за успешните кариери во спортското стрелаштво и освоените златни медали, Шабан Трстена за освојувањето на златниот медал во борење во 1984 година и Дејан Георгиевски за освојувањето на сребрениот медал во теквондо на Олипмиските игри во Токио минатата година.

Џафери им честиташе до добитниците од име на пратениците на Собранието на Републиката и во свое лично име, со желби нивниот ентузијазам, нивното дело и успеси да бидат мотивација и за актуелните и следните генерации спортисти.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во честитка за Денот на независноста напиша дека на 8 септември 1991 година огромен предизвик бил референдумот за независноста.

„Многу прашања, дилеми и критики имаше и тогаш, но времето покажа дека овој чекор беше историски. Сега, 31 година подоцна стоиме пред ист предизвик. Со референдум да ја зачуваме државата пред обидите за уцени и асимилација, а да продолжиме по патот за Европската унија“, наведе Мицкоски.

Македонија на 8 септември 1991 година прогласи независноста од СФРЈ, по успешниот референдум на кој мнозинство од граѓаните позитивно се изјаснија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.

„Обединети во слободата“ е мотото на денешната прослава на годишнината од Денот на независноста на Македонија.

Со забава со познати пеачи и групи и бесплатен влез во сите македонски музеи ќе се одржи прославата на 31 годишнината од прогласувањето на независност на 8 септмври, како што најави Владата.

Централната свечена прослава ќе се одржи во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“ и ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата.