ОН бараат пристап до руските локации за „филтрација“ во Украина

Советот за безбедност на Обединетите нации за руската инвазија на Украина во седиштето на ОН во Њујорк.

САД ја обвинија Русија за воени злосторства преку насилен трансфер на над 1,6 милиони Украинци на територијата под руска контрола во тековниот конфликт, поради што високи претставници на ОН побааа меѓународен пристап до таканаречените „филтрациони логори“.

Москва го негираше обвинувањето и рече дека милиони Украинци избрале да заминат во Русија или во областите под контрола на Русија и дека таму „живеат слободно и доброволно“.

Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, на состанокот на Советот за безбедност на ОН доцна на 7 септември изјави дека Русија и нејзините полномошници нанесуваат „низа ужаси“ во процес надгледуван од официјални лица од кабинетот на претседателот Владимир Путин.

„Насилното префрлање или депортирање на заштитени лица од окупираната територија на територијата на окупаторот, претставува воено злосторство“, рече Томас-Гринфилд.

Таа рече дека повеќе од 1.800 деца биле префрлени од украинска територија во Русија само во јули.

Томас-Гринфилд рече дека руската „цел е да се идентификуваат поединци кои Русија ги смета за недоволно усогласени или компатибилни со нејзината контрола“ и „да се подготви за обид за анексија“ на украинска територија.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија ги нарече обвинувањата дел од „кампања за дезинформација“ и рече дека Украинците кои патуваат во Русија подлежат на „процедура за регистрација наместо филтрирање“.

Томас-Гринфилд рече дека „има едноставен начин да се знае дали нешто од ова е вистина“, додавајќи: „Пуштете ги Обединетите нации внатре“.

Шефот за политика на ОН, Розмари Ди Карло, рече дека постојаните обвинувања „за принудно раселување, депортација и таканаречените „филтрациони кампови“ управувани од Руската Федерација и придружните локални сили“ се „екстремно вознемирувачки“.

Ди Карло и помошникот генерален секретар на ОН за човекови права Илзе Брендс Кехрис побараа од ОН пристап до Украинците кои живеат во областите контролирани од Русија.