Зеленски најави воен буџет со фокус на одбраната

Украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека буџетот за следната година ќе биде воен буџет и дека за одбраната и безбедноста ќе бидат издвоени 27,4 милијарди долари.

Во своето обраќање Зеленски рече дека целосно ќе бидат покриени социјалните обврски, како што е исплатата на пензиите и додаде дека несуштинските трошоци ќе треба да се намалат што е можно повеќе.

Тој рече дека одржал состанок со министерот за финансии Серхи Марченко и со други официјални претставници.

„Јасно е дека ова ќе биде буџетот на земјата која е во војна. Повеќе од трилион гривни ќе одат во безбедносниот и одбранбениот сектор следната година. Тоа ќе биде приоритет“, нагласи Зеленски.

Тој додаде дека Владата ќе претстави план за намалување на трошоците во државните претпријатија и институции, а ќе се скратат и трошоците на функционерите.

„Ќе се формира специјален фонд за реконструкција, кој делумно ќе се пополни со конфискација на имотот на Русија“, рече Зеленски за идејата што ја спомена претходно.

Украина процени дека трошоците од војната, во комбинација со пониските даночни приходи, доведоа до фискален дефицит од пет милијарди долари месечно, или 2,5 отсто од предвоениот бруто домашниот производ.

Економистите пресметале дека годишниот дефицит на домашниот производ е 25 отсто, наспроти само 3,5 отсто пред руската инвазија на Украина.