Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави денеска дека тв презентерката Бесмира Ејупи не е директно вработена во МНР, туку таа е преземена од Министерството за политички систем. Ејупи, како што наведе министерот, работи на најниска позиција како соработник за протокол.
„Тоа не се луѓе што влегуваат во МНР како дипломати, тие работат најниски административни работи и нема ништо спорно во тоа вработување. За да бидете назначени на таква позиција воопшто не ви ни треба си-ви. Такво нешто ви е потребно доколку напредувате од почетната позиција. Тоа лице не е советник затоа што за таа позиција треба да има 10-15 години работно искуство“, рече Османи.
Според него, Ејупи е преземена со уште 12 лица и не гледа ништо спорно во процесот. Тој посочи дека секој што ги исполнува условите може да се вработи во МНР. Османи посочи и дека по шпекулацијата дека ќе го заземе местото конзул, Ејупи била вработена во Општина Петровец, потоа во Министерството за политички систем.
„Може само да кажам дека се додека сум јас министер лицето Бесмира Ејупи нема да биде конзул“ , додаде тој.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски пред неколку дена изјави дека Ејупи е вработена како соработник во одделението за правни работи во МНР. Тој притоа го повика Османи и премиерот Димитар Ковачевски да одговорат зошто Ејупи е вработена во министерството.
Претходно реакции во јавноста предизвика владината одлука на затворена седница да ја испрати 28-годишната Ејупи за генерален конзул во Њујорк во февруари годинава, која во јавноста беше критикувана дека нема соодветно искуство за позицијата. По оваа објава дел од медиумите открија дека тв водителката добивала хонорари од неколку институции истовремено.
Антикорупциската комисија отвори предмет по допрен глас по објавата во медуимите и побараа одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети поради исплата на пари на Ејупи.