Меѓународната агенција за атомска енергија- МААЕ соопшти дека залихите на иранскиот збогатен ураниум се зголемени. Во кварталниот извештај на МААЕ кој е објавен денеска е наведено дека залихите на ураниум збогатен до 60 отсто во Иран пораснале на 55,6 килограми, што е зголемување за 12,5 килограми во последните три месеци. Доколку се збогати дополнително, тоа би било повеќе од доволно за нуклеарна бомба.
Во извештајот се посочува дека МААЕ „не е во позиција да обезбеди гаранција дека иранската нуклеарна програма е исклучиво мирна“.
Вториот извештај на МААЕ објавен исто така денеска предизвика дополнителна загриженост, истакнувајќи дека Иран допрва треба да даде веродостојни одговори за потеклото на честичките од ураниум пронајдени на три непријавени локации.
Западните грижи за атомската програма на Иран резултираа со санкции против Техеран и на крајот беше постигнат нуклеарен договор со светските сили во 2015 година за ограничување на програмата.
Меѓутоа поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година, што го натера Техеран постепено да го прекине почитувањето на договорот.
Двете страни одржаа 16-месечни индиректни разговори, при што Европската унија во август даде предлог за враќање на договорот, заедно со укинувањето на американските санкции. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели.