Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска информираше дека само компанијата „PPS“ од Грција доставила комплетна документација за доделување концесија за користење на водата на Црна Река. На јавниот повик пристигнала и понуда од компанијата „EDF“ од Франција која е необврзувачка и не ја доставила бараната гаранција за учество во постапката.
Според Нуредини, надлежната комисија во министерството ќе има 60 дена да евалуира и да даде извештај на Влада за понудата. Нуредини додаде дека изборот на приватен партнер се очекува да се случи до крајот на првата половина на 2023 година, по што би започнала изградбата на ХЕЦ Чебрен, од која ќе треба да се произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати.
„Овој ден го сметам за историски ден за нашиот енергетски сектор и воопшто за иднината на државата, имајќи ги предвид случувањата со енергетската криза и последиците од недостигот на електрична енергија на глобално ниво, при што генерално државите се ориентираат кон искористувањето на домашните капацитети. Во текот на целиот процес, ние како Влада бевме максимално посветени овој проект да успее, особено затоа што зад нас имавме 13 неуспешни обиди во текот на 20 години“, рече Нуредини.
Проектот, како што додаде, ќе се изведува по принцип на Јавно приватно партнерство, каде АД Електрана на Северна Македонија ќе биде јавниот партнер. Крајниот рок за доставување на понудите за проектот беше до денеска, а постапката започна на 17 јануари оваа година.
Премиерот Димитар Ковачевски во мај годинава најави дека осум хидроелектрани, „Вруток“, „Врбен’, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“, „Глобочица“, „Козјак“ и „Света Петка“, ќе бидат дел од проектот за ревитализација.