Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи да каже дали 28-годишната ТВ презентерка Бесмира Ејупи е вработена во МНР.
„Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција,“ изјави Грковска за „Дојче Веле”.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски пред неколку дена изјави дека Ејупи е вработена како соработник во одделението за правни работи во МНР. Тој притоа го повика Османи и премиерот Димитар Ковачевски да одговорат зошто Ејупи е вработена во министерството.
Претходно реакции во јавноста предизвика владината одлука на затворена седница да ја испрати 28-годишната Ејупи за генерален конзул во Њујорк во февруари годинава, која во јавноста беше критикувана дека нема соодветно искуство за позицијата. По оваа објава дел од медиумите открија дека тв водителката добивала хонорари од неколку институции истовремено.
Антикорупциската комисија отвори предмет по допрен глас по објавата во медуимите и побараа одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети поради исплата на пари на Ејупи.