Ердоган: Не треба да се потценува Русија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и српскиот претседател Александар Вучиќ 07.09.2022.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на денешната прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Турција секогаш водела избалансирана политика кон Русија и Украина и дека така ќе продолжи.

„Не морам да споменувам никакви имиња, но има неколку земји на Запад за кои мислиме дека нивниот пристап не е исправен. Тие водат политика заснована на поттикнување. Кога водите политика на провокација, не можете да постигнете резултати“, рече Ердоган.

Според него, така не може да се псотигнат резултати и нема победник во војната, туку само голем број на губитници. Тој додаде дека не очекува војната наскоро да се заврши и дека не треба да се потценува Русија.

„Русија престана да испорачува гас и цената на гасот се зголеми. Сите сега се обидуваат да најдат начини да ја преживеат зимата. Зошто за ова не им текна порано. Русија има важен адут во свои раце, и никој претходно не размислуваше за тоа, а сега проверувате колку залиха имате. Кога имате агресивен пристап кон Русија, таа го користи оружјето со кое располага“, додаде Ердоган.

Вучиќ посочи дека „е свесен дека засега не може да се случи компромисно решение на двете страни“.

Пред Белград, Ердоган престојуваше во Сараево, а денеска, по завршувањето на посетата на Србија ќе отпатува и во Хрватска каде ќе присуствува на свеченото отворање на новата џамија и Исламскиот центар во Сисак.