Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Државната изборна комисија (ДИК) поднесе иницијатива за Референдум. Мицкоски очекува денеска во подрачните канцеларии на ДИК да бидат собрани сто потписи за таа да биде доставена до Собранието по националниот празник. Тој, како што кажа, ќе биде меѓу првите потписници во подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, како и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Мицкоски го кажа редефинираното од вчера референдумско прашање: Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник на Република Македонија број 12/2018 од 18. 01. 2018 година?
Доколку референдумот се случи, додаде тој, граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со „за“ и на тој начин престанува да важи овој договор со Бугарија или „против“ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија. Ги повика граѓаните без разлика на нивната етничка припадност да го поддржат референдумот.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите политички партии, да ги повикам граѓаните без разлика на нивната етничка припадност, без ралика дали поддржуваат една или друга политичка опција или се партиски неопределени, ја користам оваа прилика да ги повикам сите општествени чинители, невладини организации, сите поединци да се обединат во едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа кое што претставува главен пробчлем на нашата европска интеграција, а тоа е Договорот што го има потпишано Република Македонија со Република Бугарија и затоа кога ќе се случи овој референдум да излезат масовно и да гласаа „за“ престанок на важноста на Законот со којшто овој Договор е ратификуван во рамките на Парламентот,“ изјави Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија одговарајќи на новинарско прашање за можни опструкции, рече дека се очекува имајќи го предвид, како што наведе, „карактерот на хибридниот режим којшто во моментот е парламентарно тенко мнозинство“.
Според него, одржувањето на референдумот е одлична можност заедно со него на еден трошок да се организираат и предвремени парламентарни избори.