Американските компании кои добиваат федерални средства нема да можат да градат фабрики за „напредна технологија“ во Кина во следните 10 години, соопшти администрацијата на Бајден.
Насоките беа објавени како дел од планот вреден 50 милијарди долари, чија цел е изградба на локална индустрија за полупроводници.
Упатството на американската администрација доаѓа кога деловните групи бараат поголема владина поддршка во напорите да се намали зависноста на индустријата од Кина. Тие се соочуваат со глобален недостиг на микрочипови што го забави производството.
„Ќе спроведеме заштитни мерки за да се осигураме дека оние што добиваат средства од CHIPS не можат да ја загрозат националната безбедност. Не смеат да ги користат овие пари за да инвестираат во Кина, тие не можат да развиваат врвни технологии во Кина во период од десет години“, изјави Џини Раимондо, објаснувајќи го американскиот акт за чипови и наука.
„Компаниите што добиваат пари можат само да ги прошират своите постоечки фабрики во Кина за да му служат на кинескиот пазар“, рече Раимондо.
Соединетите Држави и Кина се во долготраен спор околу трговијата и технологијата. Во август, американскиот претседател Џо Бајден потпиша нацрт-закон со кој се издвојуваат 280 милијарди долари за производство на висока технологија и научни истражувања, поради стравувањата дека САД ја губат својата технолошка предност пред Кина.
Инвестициите вклучуваат даночни олеснувања за компаниите кои градат фабрики за производство на компјутерски чипови во САД.
Во моментов, САД произведуваат приближно 10 отсто од глобалната понуда на полупроводници, кои се клучни за сè, од автомобили до мобилни телефони, што е намалување за речиси 40 отсто од 1990 година. Кинеската амбасада во Вашингтон се спротивстави на законот за полупроводници, нарекувајќи го потсетување на „менталитетот на Студената војна“.