Од Пјонгјанг до Водно...
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и се закани на Грција со воен одговор „доколку продолжат провокациите“. Овој одговор се однесува на неодамнешниот случај кога турските воени авиони биле цел на противвоздушно оружје додека летаа над спорните острови во Егејското Море. „Ако имаат острови и воени бази и одредени претензии кои се нелегални и се закани за нас, еден ден ќе го изгубиме трпението. Кога ќе го изгубиме, сè може да се случи“, одговори Ердоган на прес-конференција во Сараево на прашањето за најновиот спор со Грција.
МАКЕДОНИЈА - Алијанса за Албанците ќе ги поддржат уставните измени, но под услов терминот „20 проценти“, кој се однесува на бројот на Албанци во Македонија, да биде избришан од Уставот. Ова денеска го изјави потпретседателот на Алијансата Арбен Таравани на новинарско прашање на прес конференција во Гостивар. Тој денеска посочи дека сегашното владеачко мнозинство ги нема 80-те гласа во Парламентот за да спроведе уставни измени.
МАКЕДОНИЈА - Македонската војска ќе испрати воени единици во Бугарија и Романија како дел од учество во борбена група на НАТО. Владата на денешната седница ја донесе оваа одлука по предлог на Министерството за одбрана, по презентирање информации за потребата од испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во борбената група на НАТО.
УКРАИНА - Последното гранатирање врз градот во близина на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина, го прекина снабдувањето со струја и вода. Засега не е јасно како настана затемнувањето и дали тоа е зголемен ризик, затоа што еден ден претходно беше исклучен од мрежата и последниот реактор во централата Запорожје.
ЕУ / РУСИЈА - Договорот за визно олеснување меѓу ЕУ и Русија може да биде суспендиран веќе следниот понеделник, изјави денеска еврокомесарката Илва Јохансон. Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот минатата недела го поддржаа враќањето на построги правила за шенген визи за руските граѓани.
МАКЕДОНИЈА - Со забава со познати пеачи и групи и бесплатен влез во сите македонски музеи ќе се одржи прославата на 31 годишнината од прогласувањето на независност на 8 септмври, најави денеска Владата. Овогодишното мото на чествувањето на државниот празник Денот на независноста е „ обединети во слободата“.
САД / ПАКИСТАН - Најмалку 1.325 луѓе загинаа во големи поплави во Пакистан, соопшти Управа за управување со природни катастрофи. Обединетите нации предупредија дека хуманитарната ситуација низ целата земја, од која една третина е под вода, се влошува.
МАКЕДОНИЈА - Прашањето на опозицијата практично е да го прекинеме европскиот пат, односно тоа гласи дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во одговор на новинарско прашање по средбата на Советот за безбедност. Тој истакна дека е зачуден зошто во референдумското прашање не е спомнат и Договорот од Преспа бидејќи во преговарачката рамка во иста реченица стои и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економски прашања Крешник Бектеши на денешниот Совет за безбедност му го претставија енергетскиот план на претседателот Стево Пендаровски за справување со енергетската криза. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека состојбата е алармантна и ова ќе биде најтешката зима во поновата историја. Тој ја уверува јавноста дека нема да има рестрикции на електрична енергија, но дека ќе постојат ризици.
РУСИЈА / ЦЕВЕРНА КОРЕЈА - Во декласифицирана проценка на американското разузнавање се наведува дека Русија набавува милиони артилериски гранати и ракети од Северна Кореја во нејзината шестмесечна инвазија на Украина, што е индикација за ефектот што западните санкции го имаат врз руските воени напори. „Њујорк тајмс“ ги објави наодите, но наведе дека спецификите на таквите пратки, вклучувајќи го нивниот тип и време, се нејасни. Весникот цитираше неименуван американски официјален претставник дека се очекува таквите набавки да продолжат и можеби да се прошират надвор од ракетите и муницијата со краток дострел.