Македонски војници ќе бидат дел од борбената група на НАТО во Бугарија и во Романија

Македонската војска ќе испрати воени единици во Бугарија и Романија како дел од учество во борбена група на НАТО. Владата на денешната седница ја донесе оваа одлука по предлог на Министерството за одбрана, по презентирање информации за потребата од испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во борбената група на НАТО.

Според владината одлука армијата ќе испрати две оделни воени единици во двете земји.

„Задача на борбената група на НАТО е, како дел од зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced Vigilance Activities – NATO eVA), да ја засили одбраната за источните граници на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија“,се вели во владиното соопштение.

Во него е наведено дека реализацијата на активностите го зајакнува партнерството и соработката меѓу Македонија и останатите сојузници во рамките на НАТО и истовремено влијае и на проширувањето на билатералната соработка на Северна Македонија со Бугарија, со Романија, со САД, како и останатите сојузници и останатите нации, што ќе придонесуваат во борбената група со персонал и опрема.