Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економски прашања Крешник Бектеши на денешниот Совет за безбедност му го претставија енергетскиот план на претседателот Стево Пендаровски за справување со енергетската криза.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека состојбата е алармантна и ова ќе биде најтешката зима во поновата историја. Тој ја уверува јавноста дека нема да има рестрикции на електрична енергија, но дека ќе постојат ризици.
„Постојат ризици за непредвидени испади на термоблоковите на РЕК Битола заради апсолутната застареност на опремата, непредвидливи ризици во цената на берзата за гас и струја до ниво на неиздржливост, забрани за извоз од соседите на природен гас и суровини за производство на електрична енергија. Затоа имаме состаноци во соседните земји, како во Бугарија која има базна енергија и Грција како логистички центар“ изјави Ковачевски.
Планот на ЕСМ е да го зголемиме производство оваа година за 25 отсто и реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно, најави премиерот.
Тој посочи дека и Владата и догодина ќе продолжи со субвенционирање на електрична енергија со цел спречување на ценовните шокови. Тој додаде дека непречено снабдување со струја мора да се обезбеди, но и цената треба да биде издржлива.
Најави почеток на работа на третиот блок на РЕК Битола и вториот котел на ТЕЦ Неготино, на целиот потенцијал за гасната централа ТЕ-ТО Скопје, како и користење на сите обновливи извори на енергија.