ВМРО-ДПМНЕ отпочнува постапка за задолжителен референдум со цел укинување на договорот со Бугарија потпишан од СДСМ, кој, како што е повторено во денешното соопштение на оваа партија, било корен на сите негации. „ИК на ВМРО ДПМНЕ донесе одлука да се пристапи кон собирање на 100 потписи за граѓанска иницијатива, на кој првопотпишан ќе биде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и раководството, по што очекуваме собранието да ја одобри иницијативата, по што ќе почнат да течат роковите за собирање на 150.000 потписи, со цел организирање на референдум со прашање: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?“, се додава во соопштението во кое се оценува дека „овој договор е корен на сите проблеми, и почеток на негацијата на македонскиот јазик, идентитет и историја“.
ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи за референдум за поништување на Договорот со Бугарија
Во реакцијата на СДСМ се наведува дека референдумот нема да успее и оти лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не може да ја спречи европската иднина. СДСМ притоа наведува дека „токму Христијан Мицкоски го поддржа Договорот со Бугарија на средба со поранешниот премиер Борисов, и тоа на чист бугарски јазик“. „Иако Договорот е ратификуван пред 4 години Мицкоски дури сега го прави овој очаен чекор затоа што му се тресе фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во денешното соопштение на СДСМ.