Рускиот претседател Владимир Путин ја одобри новата руска доктрина во надворешна политика заснована врз концептот „руски свет“ што конзервативните идеолози го користат за да ја оправдаат интервенцијата во странство со цел да го заштитат населението што зборува руски. Во „Хуманитарната политика“ на 31 страница, објавена по повеќе од шест месеци војна во Украина, се вели дека Русија треба „да ги штити, зачува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“. Иако е претставена како еден вид стратегија за „мека“ моќ, таа ги потврдува како официјална политика идеите за руската политика и религија што некои тврдокорни страни ги користат за да ја оправдаат руската окупација на делови од Украина и поддршката за проруските ентитети на истокот на земјата.
Дали Русија врши геноцид во Украина?
„Руската Федерација им дава поддршка на своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, со цел да се обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет“, се наведува во документот во кој се додава дека врските со сонародниците во странство и овозможуваат на Русија „да го зајакне својот имиџ на меѓународната сцена како демократска земја која се стреми да создаде мултиполарен свет“. Со години, Владимир Путин инсистира на, како што тврди, трагичната судбина на речиси 25 милиони етнички Руси кои живеат надвор од Русија во државите создадени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што тој го смета за геополитичка катастрофа.
Во Бугарија, отворен пат за омилената група моторџии на Путин, „Ноќни волци“
Русија сè уште го смета поранешниот советски простор, од Балтикот до Централна Азија, за нејзина легитимна сфера на влијание, на која многу од тие земји се противат, како и Западот. Во новата политика се наведува дека Русија треба да ја зголеми соработката со словенските народи, Кина и Индија и дополнително да ги зајакне своите врски со Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка. Според документот, Москва треба дополнително да ги зајакне односите со Абхазија и Осетија, два грузиски региона кои ги призна по војната со Грузија во 2008 година, како и со два отцепени региони во источна Украина, Доњецк и Луган, пишува Ројтерс.