Со извици „Отстранете ги патријархалните судии и обвинители“, „Нема повеќе“, „Веќе не можеме“, стотици граѓани по втор пат за седум дена се собраа во Приштина за да го изразат својот револт против сексуалното насилство врз жените и девојчињата.
Демонстрантите на 5 септември најпрвин застанаа пред зградата на Владата, полицијата, Судскиот совет на Косово, а потоа и пред Обвинителскиот совет, каде побараа разрешување на главниот обвинител на Основното обвинителство во Приштина. Ќе продолжиме да бидеме тука додека Обвинителството конечно не ни каже дека е на страната на жртвите, а не на страната на насилникот“, рече еден од учесниците на протестот.
Повод за последните протести беше силувањето на 11-годишно девојче на 27 август во парк во Приштина. За случајот со 11-годишното девојче, правосудните институции водат постапки за две различни кривични дела.
Солидарност: Протести во Скопје, Тирана и Приштина по силувањето на 11-годишното девојче во Косово
Покрај мерката притвор од 30 дена за петтемина осомничени за силување на малолетничка, истата мерка е одредена и за уште шестмина осомничени кои според правосудните институции во јуни оваа малолетничка ја силувале и ја искористувале за сексуални услуги.
Демонстрантите во Приштина имаат неколку барања до Владата на Косово. Меѓу другото, бараат легализирање на употребата и дистрибуцијата на иритирачки гасови за самоодбрана, отпуштање на функционери кои не ја вршеле својата работа, формирање на специјализирано одделение за сексуално насилство во косовската полиција, воведување сексуални образовни предмети во училиштата, како и правда и рехабилитација за преживеаните од сексуално насилство.