Сопственикот на фирмата „Беса-транс“, во чиј автобус во Бугарија лани во ноември загинаа 45 патници, меѓу кои и 12 деца, ќе одговара за фалсификување исправа откако Скопското обвинителство ја заврши истрагата и поднесе обвинение до судот.
Обвинетиот употребувал лажна лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот сообраќај, која што воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски.
Сопственикот лажната лиценца им ја давал на шоферите на автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница.
„Со опишаните дејствија обвинетиот сторил кривично дело – Фалсификување исправа по чл. 378 ст.3 вв со ст.1 вв со чл. 45 од Кривичниот законик, а правниот субјект сторил кривично дело – Фалсификување исправа по чл. 378 ст. 4 вв со ст.3 вв со ст.1 вв со чл. 45 од Кривичниот законик“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Судски вештак повторно ќе врши увид на местото на несреќата на автобусот на Беса транс
Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбедил докази дека во период од околу една година автобусот со фалсификуваната лиценца поминал 20 пати на различни гранични премини.
Автобусот на „Беса Транс“, кој на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година е една од најтешките сообраќајни несреќи на балканските патишта во историјата.