Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски денеска пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар. На денешното, прво рочиште од процесот, обвинителката Тања Трајчевска го даде воведниот говор на Обвинителството во кој го образложи обвинителниот акт со кој го опиша настанот во кој хрватскиот ракометар, Денис Тот, беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје.
Скопското ОЈО поднесе обвинение против три лица за убиство на ракометарот Денис Тот
Трајчевска посочи дека Обвинителство располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден. „Со ваквите докази сметам дека ќе докажеме дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин време и место како е опишано во обвинителниот акт“, рече Трајчевска. На денешното рочиште тројцата обвинети изјавија дека го разбираат обвинението кое им се става на товар и изјавија дека не се чувствуваат виновни во врска со истото. Воведните зборови на одбраната се одложија за наредното рочиште поради барање на еден од бранителите. Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а наредното рочиште е закажано за 14 септември.