Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порача на Европејците дека треба да очекуваат тешка зима бидејќи инвазијата на Москва врз неговата земја води до големо намалување на испораките на нафта и гас од Русија.
„Русија подготвува решавачки енергетски удар врз сите Европејци оваа зима“, рече Зеленски во своето секојдневно видео обраќање доцна синоќа.
Коментарите доаѓаат откако Русија продолжува да го задржува снабдувањето со гас преку гасоводот Северен тек 1 за Германија, наведувајќи технички проблеми. Германските власти и Сименс енерџи, која ги сервисира турбините на Северен тек 1, ги оспоруваат тврдењата на Москва, велејќи дека гасоводот е во оперативна состојба.
Запирањето на гасот ги поттикна стравувањата дека Русија ќе го држи гасоводот надвор од употреба подолг период за да изврши притисок врз западните нации и да го наруши нивното единство во санкционирањето на Русија за нејзината војна против Украина. Москва постојано негира дека користи енергетски резерви како оружје.