Петровска: Вложувањето во одбраната треба во континуитет да се следи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска за најавата за набавка на современ систем за противвоздушна одбрана од Франција изјави дека инвестициите во одбрана се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања.

„Станува збор за финализирање на договорот, кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ“, рече Петровска по денешниот брифинг во Министерството за одбрана.

Според министерката, во овој момент не постои конкретна закана за напад врз нашата држава. Вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра, а Петровска појасни, дека исплатата ќе биде во период од четири години.

„Вложувањето во одбраната треба во континуитет да се следи, заради тоа што на таков начин ја извршуваме основната функција на Министерството и на Армијата, а тоа е заштита на националните и државните интереси“, изјави Петровска.

Од министерството за одбрана претходно информираа дека во изминатите две децении, не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија.