ВМРО-ДПМНЕ: ТВ презентерката Бесмира Ејупи е вработена во МНР

Бесмира Ејупи.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска изјави дека тв презентерката Бесмира Ејупи е вработена во МНР. Според него, таа е вработена како соработник во одделението за правни работи.

„Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР. Почитувани, македонската дипломатија е во нокаут, а институциите служат за задоволување на апетитите и фрустрациите на функционери на ДУИ-СДСМ“, рече Стоилковски.

Тој притоа го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски да одговорат зошто Ејупи е вработена во МНР.

„Дали вдомувањето на Бесмира Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк?Османи и Ковачевски мора да одговорат како е можно лице зад кое што се води истрага за огромен финансиски скандал, можни злоупотреби и префрлање огромна сума буџетски пари, сега да биде вработено во МНР, да му се издава безбедносен сертификат и да биде дел од дипломатската мрежа?Османи и Ковачевски мора да одговорат со што тоа Бесмира Ејупи ги задолжила до таму, што откако Фехми Стафа е разрешен како државен правобранител, таа да биде вработена во МНР на Бујар Османи?“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Реакции во јавноста предизвика владината одлука на затворена седница да ја испрати 28-годишната Ејупи за генерален конзул во Њујорк во февруари годинава, која во јавноста беше критикувана дека нема соодветно искуство за позицијата. По оваа објава дел од медиумите открија дека тв водителката добивала хонорари од неколку институции истовремено.

Антикорупциската комисија отвори предмет по допрен глас по објавата во медуимите и побараа одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети поради исплата на пари на Ејупи.