Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во заедничко писмо до српскиот претседател Александар Вучиќ повикуваат на забрзување на процесот за целосна нормализација на односите со Косово.
„Ви го испраќаме ова заедничко писмо во момент од клучно значење за безбедноста на европскиот континент и стабилноста во регионот на Западен Балкан. Убедени сме дека, во светлината на руската агресија врз Украина, мора да вложиме уште посилни напори, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан да стане реалност, за да се решат долгорочните билатерални и регионални спорови. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан“, се наведува во писмото на Макрон и Шолц до Вучиќ, соопштија од кабинетот на српскиот претседател.
Во писмото тие апелираат Вучиќ да покаже максимална решителност и подготвеност за носење тешки одлуки, кои ќе водат до напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија, под покровителство на ЕУ. Неодамнешните тензии, како што порачуваат Макрон и Шолц, покажале дека итно се потребни конструктивни чекори напред и на практично и на политичко ниво.
„Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, Јенс Плетнер и Емануел Бон, да му дадат директна поддршка на Мирослав Лајчак во неговите напори. Предлагаме нашите советници, заедно со Мирослав Лајчак, да ги посетат Косово и Србија, со цел да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот, се наведува во во заедничкото писмо на Макрон и Шолц, во кое тие изразуваат искрена надеж дека иницијативата ќе наиде на вашиот интерес и поддршка.
Белград и Приштина неодамна постигнаа договор за употреба на лични документи за идентификација. Србите сочинуваат 5 насто од 1,8 милиони жители на Косово. Србија го обвинува Косово за газење на правата на ова етничко малцинство, обвинение кое Приштина го негира.